


Игра на тронови VII GAME OF THRONES VII.


Вклучи се во Вестерос 5x08 – „Жилавдом“
ВНИМАНИЕ: СПОЈЛЕРИ!
Семејство Таргариен
Новиот советник
Денерис конечно се соочува со Тирион и Џора во Мирин. Разбирливо, кралицата нема доверба и не е подготвена да му верува на еден Ланистер, но Тирион мудро ја убедува дека тоа е во нејзин интерес. Негова прва задача како советник е да каже што мисли дека треба да прават со Џора, кој беше избркан и кому му беше речено дека ако се врати, ќе биде убиен. Тирион смета дека Џора е безопасен и е посветен на Денерис и дека треба да го остават жив, но да биде подалеку од неа. Денерис повторно го брка, но витезот не се предава и се враќа кај робовладетелот кој го купи, барајќи да се бори во борбите на кои ќе присуствува и кралицата.
Во меѓувреме Денерис и Тирион за прв пат се состануваат и веќе ѝ е полесно, бидејќи досега Дарио беше нејзиниот единствен советник, советник чии идеологии и не се толку пацифистички. Расположението меѓу Тирион и Денерис не е баш опуштено. Тирион ја докажува својата способност за убивање, велејќи дека е најнапред „заслужен“ за смртта на неговата мајка кога го раѓала и раскажува за тоа како го убил татко си. Најпосле Денерис се согласува да ги прифати неговите услуги. Првата тема за која зборуваат е како да стигне до железниот трон, но мислењето на новиот советник е да остане во Заливот на робовите, бидејќи тука може да биде повеќе кралица отколку во Вестерос. Денерис е тврдоглава и сепак сака да замине дома, но Тирион и посочува дека дури и да добие поддршка од обичниот народ, таа сепак не ќе може да владее без помош на благородниците и дека само Дорн и можеби Тајрелови ќе ја поддржат. Но тоа нема да биде доволно. Таа потоа му ја кажува на Тирион реченицата за скршеното тркало која веќе ја имаме слушнато во трејлерот за сезоната. Ѓаволчето е прилично критички настроено во врска со идејата, но изгледа дека не му останува ништо друго, туку да ја поддржи кралицата...
Семејство Болтон
Сведоштво
Откако Теон ќе дојде да ѝ донесе храна на Санса, таа веднаш го прашува зошто ја издал кај Ремзи. Теон објаснува дека само сака да ѝ помогне, бидејќи ако се обиде да избега, Ремзи ќе ја казни како што го казнува него. Со омраза во гласот, Санса му вели дека и таа би му го направила истото кога би била на местото на Ремзи. Смрдежот се сложува со тоа дека ја заслужил казната и страдањето поради тоа што го предал Роб, што го освоил Сурозимје и што ги убил тие момчиња. Санса се вмешува и му вели дека тие момчиња се Брен и Рикон кои Теон ги познава од денот на нивното раѓање. Ова е моментот кога тој несакајќи ја кажува вистината, дека тие се живи и дека ги заменил со други две деца од селото за да сите мислат дека ги убил Старковите синови. Санса се обидува да извлече повеќе информации од Смрдежот, но тој веќе кажа премногу и излетува низ вратата.
Во меѓувреме Руз, Ремзи и нивниот вазал се обидуваат да смислат што да сторат во врска со Станис и неговата војска. Руз одлучува да се бранат, да останат во замокот и да чекаат војската на Баратеон да остане без храна и да замрзне од студ. Бидејќи Ремзи е љубител на крвопролевање и бидејќи не му се допаѓа планот на неговиот татко, тој предложува да ја нападнат војската на Станис за да му покажат на Северот дека никој не може да си поигрува со Болтонови. Руз почнува да му вика на Ремзи и да му објаснува дека нема потреба да се ризикува војската, но Ремзи бара само 20 луѓе за да го нападне Баратеон.
Семејство Ланистер
Признание!
Серсеј е во затвор во ужасни услови, исто како и Марџори и секој пат кога ќе ѝ се закани на септата, добива удар со дрвена лажица. Нејзиниот единствен посетител е Киборн, кој ѝ кажува дека ќе ѝ биде судено за инцест, блуд и убиството на Роберт. И понатаму нема вести за Џејми. Стопанот Пајсел го повикал нејзиниот вујко Кеван во главниот град за да служи како кралски намесник. Серсеј сака да ги повика Големиот Мајстер и нејзиниот син, но никој не сака да се сретне со неа. Киборн ја советува да ги признае своите гревови, но кралицата мајка е премногу горда и полека нејзините слабости почнуваат да стануваат очигледни.
Семејство Старк
Првата мисија
Арија конечно добива можност да се покаже на дело. Нејзиното алтер его, Лана, продавачка на остриги, шета по улиците на Бравос, нудејќи ја нејзината стока, но во меѓувреме забележува сè околу себе. Џакен ѝ кажува следниот ден да одбере друга маршрута и дека таму ќе наиде на нејзината прва мисија. Додека надгледува, Арија сретнува еден љубопитен човек во пристаништето. Богатиот коцкар се обложува на бродовите кои ќе пристигнат во пристаништето. Капетанот на еден брод го моли да се обложи, но може да го добие облогот само доколку умре на патувањето. На тој начин неговата вдовица и децата би ги добиле парите. Џакен посочува дека коцкарот може да не ѝ ја исплати добивката на слабата жена и на децата на капетанот кој се обложил на неговиот брод. Работата на Арија е да да ја надгледува нејзината мета и кога ќе дојде време, да го убие човекот во име на Богот на Многуте Лица. Таа дури и добива отров. Арија заминува со задоволна насмевка на лицето, но лошата девојка истапува пред Џакен и вели дека не мисли оти Арија е подготвена да убие. „Можеби е, можеби не е. На Богот на Многуте лица му е сеедно“ вели незагрижениот Џакен.
Ноќна Стража
Зимата е тука
На Сем сè уште му е потребна медицинска помош по ќотекот што го доби во минатата епизода. Доаѓа Оли со чувствително прашање: Сè уште не му се верува дека Џон е заминат во мисија на здружување со Дивјаците, откако тие ладнокрвно го убиле целото негово семејство и го уништиле селото во коешто живеел. Сем се обидува да му го објасни на Оли она кое Џон го објаснувал секому во изминатиот период: Подобро да се биде во пакт со Дивјаците, отколку да се борат и против нив кога ќе почне војната.
Врховниот заповедник и Тормунд пристигнуваат во Жилавдом каде ги пречекуваат илјадници Дивјаци кои нашле засолниште во едно мало село на брегот. Слободните Луѓе ги води човек по име Боунс (Кнезот на Коските), кој го добил своето име поради тоа што на себе закачувал различни видови коски. Откако Џон и Тормунд ќе му објаснат зошто се дојдени, тој ќе се разлути и ќе го прогласи Тормунд за предавник. Тормунд поради итноста на ситуацијата, нема друг избор освен да го убие и да нареди да се соберат старешините. Тогаш Џон на Дивјаците им го кажува планот и им вели дека секој оној кој ќе им се придружи ќе добие парче од змејското стакло за борба против Белите Талкачи борба во која можат да победат само доколку станат сојузници. Неговите намери се чисти. Зборува и за смртта на Менс Рајдер. Смртта на Менс многу ги разлутува Дивјаците, но Тормунд објаснува дека смртта била неизбежна и дека она што го направил Џон само ја олеснило смртта на Менс. Поголемиот дел од Дивјаците се сложуваат со предлогот, но Теновите како и секогаш негодуваат и не ја прифаќаат понудата на Џон.
Транспортирањето на луѓето кон бродовите започнува. Џон смета дека оставиле премногу луѓе, но Тормунд вели дека откако ќе сфатат дека ќе останат без храна и без вода сепак ќе решат да им се придружат. Тогаш кучињата почнуваат злокобно да лаат, а војска од костури влетува од планините и фуриозно се спушта кон долината. Дивјаците почнуваат избезумено да трчаат кон портите на Жилавдом, но тие се веќе затворени. По кратко време голем непријател маршира низ селото како оживеани лешеви. Секако, Другите се оние кои го предводат нападот на селото. Дивјаците придружувани од неколку членови на Ноќната стража почнуваат хаотично да трчаат кон бродовите и бараат да им биде ветено дека кога ќе стигнат на Ѕидот ќе бидат соодветно пречекани. Во меѓувреме толпата од лешеви станува сè помногубројна, па некои од нив успеваат и да влезат во селото и да ја отежнат неговата одбрана.
За време на битката Џон ги забележува Другите на врвовите на карпите како мирно седат на своите коњи - зомбија. Побрзува да влета во селото за да земе змејско стакло, но Другите се веќе таму. Водачот на Теновите се обидува да му купи повеќе време на Сноу, па се обидува да го нападне суштеството, но тоа одбива да се бори со него, распрснувајќи го неговиот меч на парчиња. Џон посегнува по камата од опсидијан, но добива толку силен удар што излетува од куќата и наоѓа меч од валиријански челик. Другиот тргнува по него и го напаѓа со копје, но Џон успева да се одбрани со мечот, па откако ќе сфати дека е мечот неуништив, тргнува во контранапад. Успева да го прободе телото на Другиот и тој се распрснува во многу мали кристални парчиња кои се растураат во воздухот.
Во меѓувреме борбата против лешовите очајнички продолжува, но кога Ноќниот крал ќе види дека Џон успеал да совлада еден од неговите луѓе, тој испраќа уште лешови на помош. Останатите војници сфаќаат дека и тие мора да го напуштат Жилавдом. За среќа, џинот е се уште со Дивјаците, па може да ги покрива и да го успори противникот додека тие се качуваат во бродовите. Додека се оддалечуваат од брегот, Ноќниот крал ги оживува илјадниците жртви додека го гледа Џон право во очи.
Најдобар цитат во епизодата:
Денерис: „Јас нема да го сопрам тркалото. Јас ќе го скршам“.
WTF- Фактор: Ако мртвите можат да бидат оживени од странана Другите за една минута и не можат да бидат запалени веднаш, како можат живите да се борат против нив успешно?

2017 Драма, Фантазија |
||














































