

Игра на тронови VIII GAME OF THRONES VIII.


Вклучи се во Вестерос! - Игра на тронови III, еп.7 („The Bear and the Maiden Fair“)
Ноќна стража
Орел продолжува да го провоцира Џон Сноу и му вели дека нема да може да ја задржи Игрит поради тоа што не знае буквално ништо за животот. Подоцна ќе дознаеме и зошто го земал на пик. Имено, и Орел е вљубен во Игрит, но неговото додоворување не ја импресионира девојката.
Додека одат кон замокот на Ноќната стража, Игрит зборува за прицези, свилени фустани и Сурозимје. Овој сладок разговор наскоро ќе го прекине злокобното врескање на чавките во моментот кога Џон ќе и каже на Игрит дека Дивјаците немаат шанси да победат со оглед дека ниту шестте кралеви јужно од Ѕидот не можат да го освојат Северот. Црвенокоста девојка воопшто не се грижи дали ќе умрат, туку сака да живее и го бакнува Џон.
Семејство Старк
Во очекување на бебе
Со оглед на големите врнежи Роб го одложува одењето на свадба кај Фрејови, но никој не се вознемирува околу тоа. Тој води љубов со Талиса, а потоа ужива во чаша вино. Во меѓувреме, Талиса и пишува писмо на нејзината мајка во Волантис во кое и кажува дека ќе стане Кралица и дека сака да ја запознае со нејзиниот сопруг и внуче. Да, добро слушнавте. Роб Старк станува татко.
Од еден проблем во друг
Арија е сѐ уште со „Братството без знамиња“. Но сега е толку многу навредена што Гендри го продале на Мелисандра што не зборува со никого. Берик се обидува да се смири, но тоа не е возможно. Дури и кога Берик ќе ѝ каже дека она што ќе го нареди Бог мора да се исполни, таа му вели дека нејзиниот Бог е смртта. Чиста готика.
Енги се враќа со вести дека во околината има Ланистерови војници и групата се вознемирува. Арија се лути што веднаш не ја однеле во Рекотек и побегнува. За жал, паѓа во рацете на Загарот која ја зема со себе.
Драмата на Оша
Додека Брен оди кон Ѕидот со Ридови, Оша е бесна поради тоа Џоџен му ја полни главата на малиот Старк со соништа и визии. Како и да е, Брен му верува на Џоџен и сака да дознае каде гавраните сакаат да го однесат во неговиот сон. Оша станува вознемирена бидејќи децата не се свесни што има зад Ѕидот и почнува да раскажува тажна приказна за тоа како човекот кој го сакала бил претворен во Бел Талкач и како морала да го убие.
Семејство Тирел
Санса е комплетно уништена од фактот што мора да се омажи за Тирион, а Марџери ќе се обиде да ја утеши. Секако, идната Кралица не го прави тоа затоа што се најдобри другарки туку дека може Санса да им притреба на Тирелови ако се ожени со Тирион наместо со Лорас. Сепак не успева да ја убеди Санса дека нејзиниот брак со Тирион не мора да биде нешто толку лошо.
Интермецо: Мелисандра го враќа Гендри во Кралебран и му кажува дека негов татко е починатиот Крал Роберт Баратеон.
Семејство Ланистер
Засрaмениот младоженец
За Тирион поголем проблем од неговата идна невеста Санса е Шеј. Проблемите ќе се обиде да ги разреши Брон кој вели дека Тирион и онака не може да се ожени со проститука, туку неа може да ја чува како љубовница. Од друга страна, Тирион треба да има деца со Санса за да може таа еден ден да владее со Клесокам и Северот. Брон би можел да биде одличен советник за брачни парови.
Секако, реалноста е сосема поинаква од онаа која ја зборува Брон. Шеј е бесна поради венчавката. Тирион и ветува куќа и дека ќе се грижи за нејзините деца, но таа вели дека не ги сака неговите пари, туку него.
Бебиситер
Тајвин доаѓа во кралската соба на повик на Џофри кој ќое зажали што го повикал својот дедо. Иако Тајвин ќе влезе мошне моќно, тие се однесуваат согласно протоколот. Џфри се жали што Тајвин ги држи состаноците на Малиот Совет во неговата кула и поради тоа морал да искачува многу скали. Дедото полека се приближува до Тронот и му вели на Џофри дека би можел да го носи на раце. Малиот Крал ќе сфати дека во оваа игра на моќ ќе загуби па затоа го свртува разговорот кон Денерис и нејзините змаеви. Тајвин му вели дека не вреди да се занимаваат со бајки од Далечниот Исток. Џофри прави загрижен израз на лицето додека главата на семејството ја напушта собата со задоволна насмевка.
Витезот без раце
Џејми доаѓа кај Бриен да се збогува со оглед дека се враќа во Кралебран. Бриен мора да остане во Харенхал со Лок што секако не е добро идеја. Џејми ја уверува Бриен дека ќе се држи до неговата заклетва како витез и ќе ги врати ќерките на Старк на семејството.
Групата е веќе на пат кога Џејми ќе почувствува вина што ја оставил Бриен кај Лок. Тој решава да се врати и пристигнува токму на време. Лок ја ставил Бриен во арена заедно со мечка додека со своите луѓе ја пее песната „The Bear and the Maiden Fair“. Иако со една рака, Џејми со помош на луѓето на Болтон успева да ја спаси Бриен и потоа му кажува на Лок дека ја зема со него без оглед дали тоа му се допаѓало или не.
Семејство Таргариен
Денерис продолжува да изигрува ослободител дури и кога Џора ја советува да не троши време на Јункај со оглед дека таму живеат само заробени проститутки. Сепак, ѕидините на Жолтиот град се цврсти, а луѓето имаат големи резерви. Војската на Денерис не може да отпочне опсада, ниту да се бори на отворен простор. Во ваква ситуација, решението е во дипломатијата. Таа ќе повика еден пратеник на градот кој малку ќе го застраши со Недопрените и нејзините змаеви. Потоа ќе му објасни дека ако не ги ослободат робовите, ќе го сруши целиот град. Пратеникот ќе побегне, а Денерис е задоволна од развојот на ситуацијата.
Семејство Грејџој
Ремзи му испраќа две мошне убави проститутки на Теон кои започнуваат да се соблекуваат и да се вратат околу него како во стриптиз бар. Теон ќе се обиде да ја искористи можноста, но тогаш се појавува Сноу. Теон е престрашен, а Ремзи со нежен глас почнува да зборува за важните делови од телото на Теон. Тогаш се појавува сечилото, но за среќа не моравме да ја гледаме кастрацијата.
Најдобар цитат во епизодата:
Кетлин: „Лорд Волдер е проблематичен по природа.“
Бринден: „Проблематичен? Така го нарекуваш тоа? Ова е можеби најнепријатниот човек што сум го сретнал во животот.“
Кетлин: „Да, и тоа е поради...“
Бринден: „Сум видел пролив што ми се допаднал повеќе од Волдер Фреј.“

2018 Драма, Фантазија |
||














































