close
Премиера
 
32962_-_254

Кој е Питер Динклиџ (Тирион Ланистер)?

Питер Динклиџ е роден во 1969 година во Мористаун, Њу Џерси, САД. Во 1991 година завршил училиште за драма и ја започнал својата актерска кариера. Тој продолжил да работи во театар и тоа во претставите „The Killing Act“, „Imperfect Love 3, и „Richard III“.

Првиот филм на Динклиџ, „Living in Oblivion“ од 1995 година, критиката одлично го оцени. Особено беше позитивна за неговото портретирање на фрустриран актер на кого му е преку глава од ограничени и карикатури од улоги кои им се нудат на актерите - џуџиња. Во 2003 година настапи и во „The Station Agent“.

Тој го има играно и Мајлс Финч, признат автор на книги за деца во комичниот филм „Elf“. Помеѓу останати наслови во кои Питер ја градеше својата актерска кариера се и „Death and a Funeral“, „Penelope“ и „Chronicles of Narnia: Prince Caspian“ од 2008 година.

Динклиџ периодично се појавуваше и во серијата „Свита“ на „HBO“, како и во „Life as We Know It“ на „ABC“ и серијата со краток ТВ век, „Threshold“ на „CBS“.

Во 2011 година ја доби улогата на Тирион Ланистер во ултра популарната серија „Игра на тронови“ на „HBO“. Станува збор за адаптација на книгите „Песна за мразот и огнот“ на Џорџ Р. Р. Мартин. Неговата остроумност и духовитост го направија еден од најпопуларните ликови во серијата. Тоа, во 2011 година, му ги донесе наградите Еми за најдобра споредна машка улога и Златен глобус за најдобра споредна машка улога во серија, минисерија или ТВ филм.



Во „Игра на тронови“, тој е најмладиот син на Лорд Тивин и Лејди Џоана Ланистер. Симболот на Ланистер е златен лав на гримизна подлога, а замокот е Клесокам. Нивниот слоган е: „Чуј ме како ревам!“

Тирион Ланистер е кепец. Неговата мајка починала за време на породувањето со него и неговиот татко постојано го презира. Дел поради смртта на неговата мајка, дел поради неговиот изглед. Од друга страна, Тирион има близок однос со неговиот брат Сер Џејми Ланистер, братот близнак на неговата сестра Керсеј Баратеон (моминско Ланистер). Неговиот татко е глава на семејството Ланистер и господар на Клесокам.

Во првата сезона, Тирион ќе биде лажно обвинет дека се обидел да го убие малиот Бран Старк и поради тоа Лејди Катлин Старк го зема во заложништво. Токму неговото затворање ќе биде една од причините за војната на петте кралеви и покрај тоа што е ослободен, откако на судењето со борба, неговиот пулен ќе го убие најсилниот борец на лејди Лиса, сестра на Кетлин Старк. Тирион ќе земе учество и во битката со силите на семејството Старк. Таа битка ќе ја добијат, но подоцна ќе разберат дека тоа било само замка. Имено, во исто време, поголем дел од војската на Старк оди во битка со силите под команда на Џејми Ланистер. Братот на Тирион во таа битка е заробен.

Лордот Тивин се повлекува во Харенхал, а го праќа Тирион за да биде кралски намесник во негово име, на новиот крал Џофри Баратеон. Тивин ја носи таа одлука само за да ги спречи натамошните грешки на младиот крал, како што беше случај со егзекуцијата на Едард Старк.

Интересно е дека кога Тирион бил многу млад, тој се запознал со Тајша, ќерка на колар. Ја нашол на пат, каде била жртва на обид за силување. Додека неговиот брат Џејми тргнал во потера по напаѓачите, Тирион останал да ѝ помогне. Набрзо се вљубуваат еден во друг. Наоѓаат и свештеник кој е подготвен да одржи брачна церемонија. Тие живеат како сопруг и сопруга сè додека за тоа не дознае Тивин. Џејми ќе признае дека намерно го испланирал инцидентот за да го направи среќен својот брат, а Тајша била проститутка. Во напад на бес, таткото на Тирион, наредил неговата гарда да ја силува Тајша, додека Тирион го гледал тоа. Потоа, била набркана.

Никогаш немал добар однос со таткото и поради тоа повеќе време минувал во Кралебран, за да го избегнува. Од друга страна, Тирион има одличен однос со братот и многу ладен однос со неговата сестра Керсеј. Слаб е на проститутки и алкохол, но во исто време е многу интелигентен, снаодлив и учен.

Тој знае да биде суров со своите непријатели, но има огромни симпатии кон прогонетите, вонбрачните деца и малтретираните.

Личен цитат на Динклиџ:
„На церемонијата на доделување на Златен глобус, зборував со мојата мајка пред да излезам на сцена. Таа ми рече: Забавувај се, но ја гледаше ли Милдред Пирс? Гај Пирс е одличен. Тој ќе земе Златен глобус. Јас не сум ја гледал Милдред Пирс, но сигурен сум дека Пирс е одличен актер. Ја сакам мајка ми затоа што ми помага да останам на земја.“

Факт: Динклиџ има ахондроплазија, форма на мал раст, при што телото е нормално формирано, но коските на рацете и нозете не растат доволно. Славниот Веласкез има насликано портрет на човек со ваков недостаток. Сликата се наоѓа во музејот „Prado“ во Мадрид.

Питер Динклиџ и останатата екипа на „Игра на тронови“ може да ја гледате секој понеделник во 20:05 часот, ексклузивно на „HBO“.

23-04-2012
Почитуван посетител, оваа веб-страна користи колачиња со цел обезбедување на веб услуги и функционалности што не би можеле да бидат обезбедени без употреба на колачиња. Со посетувањето и користењето на оваа веб-страна Вие ја давате вашата согласност колачињата да бидат преземени на Вашиот пребарувач. Можете да дознаете повеќе за колачињата и да ги промените поставувањата за колачињата тука.

НЕ ГО ПРИКАЖУВАЈ ПОВЕЌЕ