close
Премиера
 
33826_-_254

Која е Лина Хедеј (Серсеј Ланистер)?

Се сеќавате ли на филмовите „300“, „Браќата Грим“ и „The Jungle Book“? Некоја од главните улоги во тие филмови ги имаше токму Лина Хедеј.

Оваа британска актерка со нежна убавина е родена во 1973 година на Бермудите, каде го поминала најраното детство. Се школувала во Јоркшир и Лондон и уште како тинејџерка се заинтересирала за актерството. Благодарение на една претстава направена со соучениците во средно училиште, Лина ја забележал еден филмски агент. Затоа, уште во 1992 година се нашла на големото платно - рамо до рамо со Џереми Ајронс во филмот „Waterland“. И покрај тоа што уште на 15 години и е дијагностицирана клиничка депресија, успева да се избори со неа без лекови и успешно да ја гради својата кариера, што може да се види по проектите на кои работела.

За време на нејзината 15-годишна кариера, Лина Хедеј својот раскошен актерски талент го покажала во најразлични улоги. Играла амазонка во авантуристичкиот хорор „The Cave“ (2005), а ја играше и славната Сара Конор во тв серијата „Terminator: The Sarah Connor Chronicles“ (2008-2009). Во филмот „300“ ја играше спартанската кралица, а претходно во романтичната комедија „Imagine Me & You“ играше лезбијка која поседува цвеќарница.

Благодарение на кариерата, го пропатувала целиот свет. Во Индија, го снимала „The Jungle Box“, во Русија „Онегин“, во Бугарија филмот „Contractor“, додека во Канада, проектот „300“. Минатата година се најде и на Балканот, поточно во Дубровник, каде се снимаше втората сезона на „Игра на тронови“, во која ја игра кралицата Серсеј Ланистер.

Серсеј Ланистер, ќерка на лордот Тајвин, ја краси исклучителна физичка убавина. Со стапувањето во брак со кралот Роберт Баратеон, станува кралица на Седумте кралства. Својот маж никогаш не го сакала, ниту го почитувала. Таа е грижлива мајка, но се занимава со манипулации, себична е и алчна. Слични особини му пренела и на своето најстаро дете, принцот Џофри Баратеон, наследникот на Железниот трон. Татко на нејзините деца Џофри, Мирсела и Томен не е нејзиниот сопруг Роберт, туку нејзиниот брат близнак Џејми Ланистер, со кого речиси целиот живот има инцестуална врска.

И во првата и во втората сезона на серијата, злобниот карактер на Серсеј се појавува речиси во секоја епизода. Не дозволува никој да ѝ застане на патот и подготвена е на сè за да го исполни тоа што го наумила. Дури и нејзиниот помлад брат, забавниот и мудар Тирион Ланистер, се плаши од неа и е мошне претпазлив.

Актерката Лина Хедеј доби одлични оцени за улогата на Серсеј Ланистер, како од страна на гледачите, така и од страна на критиката.

Интересен факт: Лина Хедеј е вегетаријанка која со години се занимава со јога, но тренира и бокс.

Цитат: „Пукањето од пиштол не е нешто со што би го пополнила своето слободно време. Воопшто не можам да ги разберам Американците кои така лесно се решаваат да купат оружје и да го користат за забава и хоби.“

Лина Хедеј, во улогата на Серсеј Ланистер, можете да ја гледате во втората сезона на серијата „Игра на тронови“, секој понеделник во 20:05 часот на „HBO“. Вашата омилена серија е достапна и преку услугата „HBO OD“.

21-05-2012
Почитуван посетител, оваа веб-страна користи колачиња со цел обезбедување на веб услуги и функционалности што не би можеле да бидат обезбедени без употреба на колачиња. Со посетувањето и користењето на оваа веб-страна Вие ја давате вашата согласност колачињата да бидат преземени на Вашиот пребарувач. Можете да дознаете повеќе за колачињата и да ги промените поставувањата за колачињата тука.

НЕ ГО ПРИКАЖУВАЈ ПОВЕЌЕ